Олд Трафорд или познат како Театарот на соништата, прекар кој го добил од Сер Боби Чарлтон. Во својата скоро 100 годишна историја бил домакин на многу значајни фудбалски натпревари и дом на многу фудбалери кои оставиле значаен белег во историјата на фудбалот.
Стадионот е дом на Манчестер Јунајтед од далечната 1910 година. Во текот на Втората светска војна е бомбардиран и тешко оштетен. Клубот е принуден да ги игра своите натпревари на стадионот на Манчестер Сити се до 1949 година кога е завршена обновата на Олд Трафорд.
Денес, Театарот на соништата е нејголем клубски стадион во Англија и еден од најмодерните во светот. Неверојатни 1.705.696 гледачи ги посетиле домашните натпревари на Манчестер Јунајтед во сезоната 2005-06. Во 2006 година е завршена доградбата на северо-западниот и северо-источниот сектор на стадионот со што капацитетот се зголеми на 76.212 седишта. Рекорди :
Најголема победа во лига: 10-1 - Вулверхемптон Вондерерс, 15 октомври 1892
Најголема победа во Премиер лига: 9-0 - Ипсвич, 4 март 1995
Најголема победа во еврокуповите: 10-0 - Андерлехт,КПК, 26 септември 1956
Најголема победа на гостински терен: 8-1 - Нотингем Форест, февруари 1999
Најголем пораз во куп натпревар: 1-7 - Барнли, ФА Куп,13 февруари 1901
Најголем број на одиграни натпревари: 806 Рајан Гигс
Најмногу постигнати голови: 247 Боби Чарлтон
Најмногу постигнати голови во лига: 199 Боби Чарлтон (1956 - 1973)
Најмногу постигнати голови во една сезона: 42 Кристијано Роналдо (2007 - 2008)
Најмногу постигнати голови на еден натпревар: 6 Џорџ Бест - Нортхемптон, 7 февруари 1970
Најмногу повици во репрезентација: 129 Петер Шмајхел - Данска
Најголема посетеност во лига: 75.115 - Фулам, Олд Трафорд 20 август 2006
Најголема посетеност на Олд Трафорд: 76.962, Вулверхемптон Вондерерс - Гримзби, ФА Куп полуфинале, 25 март 1939
Најмногу натпревари без пораз: 45 (сите натпреварувања), од 24 декември 1998 до 3 октомври 1999
Најмногу голови во една сезона: 103 1956/57, 1958/59
Најмногу бодови во една сезона: 92 - 42 меча 1993/94
Манчестер Јунајтед Ф.К. (англиски: Manchester United F.C.) е светски познат професионален фудбалски клуб од Англија, чиј стадион е Олд Трафорд кој се наоѓа во Трафорд, пошироката околина на Манчестер. Тој е еден од најпопуларните спортски клубови во светот со повеќе од 50 милиони обожаватели. Манчестер Јунајтед е исто така и еден од најуспешните клубови во светот, а во англиската лига, се наоѓа на второ место по бројот на освоени титули, веднаш зад Ливерпул. Ја има освоено англиската лига 17 пати, ФА Купот - 11 пати (рекорд во Англија), два пати Лига Купот, Лигата на Шампиони 3 пати, Купот на Победниците на Куповите на УЕФА еднаш, Интерконтиненталниот Куп еднаш и Европскиот Супер Куп еднаш. Клубот има највисок просек на посетеност на натпреварите во англиската лига континуирано во последните 34 сезони, со исклучок на периодот од 1987-1989 за време на реновирањето на Олд Трафорд. Меѓу европските клубови, Манчестер е предводник во однос на годишните финансиски добивки во текот на деценијата меѓу 1990 и 2000, во наредниот период го губи приматот но во 2008 година повторно е најбогат клуб во светот со вредност од 1 милијарда и 330 милиони евра.
Од 1991 година клубот се водеше како Друштво со ограничена одговорност и требаше да биде преземено од Руперт Мердок во 1998 преку зделка што беше блокирана од британската влада. Кон крајот на 1990тите, вредноста наклубот достигна повеќе од £1 милијарда, правејќи го процесот на откупување безмалку невозможен. Сепак, во мај 2005, Малколм Глејзер го заврши преземањето на компанијата против волја на клубот и го повлече името Манчестер од лондонската берза.
Моментално, капитен на Манчестер Јунајтед е Гери Невил, кој капитенската улога ја презеде од Рој Кин на 16 ноември 2005 година.
Почетоците на клубот (1878–1945)
Манчестер Јунајтед 1905-1906
Клубот е основан под името Њутон Хит Л и УР Ф.К. (англ. Newton Heath L&YR F.C.) во 1878 година, како клуб на работниците од железницата „Ланкашир и Јоркшир“ од Њутон Хит. Во тоа време дресовите биле зелено-златни. Првите 15 години играле на малото игралиште „Норт Роуд“ (англ. North Road), кое се наоѓало во близина на идната железничка станица Манчестер Пикадили (англ. Manchester Piccadilly). Во 1893 година клубот се преселува во блиското гратче Клејтон, на улицата Бенк. Предходната година клубот почнува да се натпреварува во фудбалската лигата, и ги раскинува врските со железницата со што се осамостојува и го менува името во Њутон Хит Ф.К. Наскоро после тоа во 1902 година, клубот е на работ на банкрот, со долгови од 2.500 фунти, при што им е затворен стадионот.
Точно кога требало клубот да биде затворен, претседателот на компанијата Манчестер Бруерис (англ. breweries=пиварници), господинот Ј. Х. Дејвис, решил да инвестира во клубот, со што го спасил од пропаѓање. Според легендата, Хери Стафорд, капитен на клубот, им го покажувал своето наградувано куче бернардинец на спонзорите на клубот. Тогаш Ј. Х. Дејвис сакал да го купи кучето, но Хери Стафорд тоа го одбил и успеал да го убеди Дејвис да инвестира во клубот и да стане негов претседател. Наскоро е одлучено клубот да го смени името. Имало повеќе предлози меѓу кои Манчестер Централ и Манчестер Селтик, но на крајот, на предлог на италианскиот имигрант Луис Роче, е одлучено клубот да се преименува во Манчестер Јунајтед. Така, службено Манчестер Јунајтед, почнал да постои од 26 април 1902 година. Исто така претседателот Дејвис одлучил да ги промени клубските бои и ги избрал црвената и белата како бои на Манчестер Јунајтед.
По оставката на Џејмс Вест на 28 септември 1902 година, за спортски директор на клубот е назначен Ернест Мангнал. Тој ја добил довербата и задачата да го внесе клубот во прва лига. За малку ќе му успеело уште во првата сезона кога клубот завршува на 5-та позиција во втората лига. Тогаш, Мангнал, одлучил во клубот да донесе нови играчи, меѓу кои голманот Хери Могер, во одбраната Дик Дакворт и напаѓачот Џон Пикен. Меѓутоа најголем впечаток оставил друг одбранбен играч по име Чарли Робертс, кој во клубот пристигнал од Гримсби Таун за тогаш рекордни 750 фунти, во април 1904 и му помогнал на клубот да стигне до 3-то место во сезоната 1903-1904, со што ги делел само бод од второто место кое водело во повисок ранг.
Наскоро потоа, во сезоната 1905-1906, го освоиле второто место и со тоа добиле прилика за прв пат да играат во првата лига под новото име. Својата прва прволигашка сезона клубот ја завршува на 8-мото место. Во 1907 година, градскиот ривал Манчестер Сити Ф.К. е под истрага дека на некои свои играчи давал плата повисока од тогаш дозволената. Фудбалскиот сојуз клубот го казнил со 250 фунти, а на осумнаесет играчи им забраниле доживотно да не играат за Сити. Тоа го искористиле Јунајтед и во клубот пристигнале играчи како Били Мередит (велшкиот волшебник) и Санди Турнбул. Новите играчи имале право да заиграт за клубот дури наредната сезона, па така дале голем придонес за освојувањето на титулата во 1907-1908. Во таа сезона клубот имал 10 последователни победи и завршил со 9 бода предност пред второ пласираната Астон Вила.
Следната сезона освојуваат уште 2 трофеја супер купот Черити Шилд и ФА купот. Најголеми заслуги за освојувањето на трофеите имале Турнбул и Мередит кои одлично ја одиграле целата сезона, а Турнбул го постигнал победничкиот гол во финалето од ФА купот. За следната титула клубот морал да чека 2 години со освојувањето на титулата во сезоната 1910-1911. Во меѓувреме клубот се преселил на нов стадион Олд Трафорд. Првиот натпревар на новиот стадион се одиграл на 19 февруари 1910 година против Ливерпул Ф.К., доживеале пораз 3-4 и покрај водството од 3-0. Без трофеј останале наредната сезона 1911-1912 која била и последна сезона под раководство на Мангнал, кој после 10 години во Јунајтед преминал во Манчестер Сити. Таа сезона е и првата од наредните 41 кога Јунајтед ќе ја освои титулата повторно.
Наредните 10 години клубот постепено ослабувал, па во 1922 година испаднал во втора лига. Во 1925 година се враќаат во првата лига но веќе 1931 повторно отпаѓаат во втората. За време на Втората светска војна, клубот паѓа на најниската 20 позиција во втора лига, која воедно е и најниска во историјата на клубот. Уште еднаш влегле во првата лига, за веднаш да испаднат и повторно се вратат во прва лига во сезоната 1938-39. Го освоиле 14-то место со што сиобезбедиле понатамошно играње на прволигашки фудбал.
Ерата на Сер Мет Базби (1945–1969)
Во 1945 година за менаџер на клубот е назначен Мет Базби (англ. Matt Busby). При назначувањето тој поставил невообичаени услови за работа во тоа време. Инсистирал сам да го бира тимот, сам да одлучува кој играчи ќе ги доведе во клубот и сам да ги води тренинзите. Всушност, поради тие услови тој бил избркан од Ливерпул Ф.К., бидејќи таму сметале дека тоа се работи на управата. Меѓутоа, Јунајтед ги прифатил неговите иновативни идеи. Првото засилување кое го донел Базби не бил играч туку помошник тренер Џими Марфи. Наскоро, невообичаениот пристап кон водењето на клубот почнало да дава резултат. Клубот бил трипати по ред второпласиран во првенството на Англија и тоа во сезоните 1947, 1948 и 1949, а во 1948 го освоиле и ФА Купот. Тие успеси најмногу се постигнати благодарение на 3 играчи радени во Манчестер: Стен Пирсон, Џек Роули и Чарли Митен (стрелци во финалето од ФА Купот) како и Аленби Чилтон.
Чарли Митен го напушта клубот во 1952 година и заминува во потрага за подобра плата во Колумбија. Истата година клубот конечно ја освојува титулата. Меѓутоа, Базби знаел дека за клубот не се доволни само искусни играчи и почнал да регрутира играчи од младинската школа на клубот. Во почетокот на младите играчи, како Роџер Бирн, Бил Фоулкс, Марк Џонс и Денис Вајлет, им било потребно време да се прилагодат на играта па затоа во сезоната 1953 завршиле на осмото место. Меѓутоа, набргу потоа во сезоната 1956, Јунајтед станува првак, притоа просечната старост на играчите била 22 години, а биле постигнати и 103 гола. Меѓу најперспективните играчи на клубот, кои тогаш имале прекар бебињата на Базби бил Данкан Едвардс. Момчето од Дадли, дебитирало со дресот на Јунајтед во 1953 година со само 16 години. Тие кои го гледале како игра зборувале дека тој може да игра на било која позиција и дека станува збор за најдобар играч што дотогаш се појавил. Во сезоната 1956-57 повторно стануваат прваци и играат во финалето на ФА Купот, каде се поразени од тимот на Астон Вила. Следната сезона Јунајтед станува првиот англиски клуб кој се натпреварувал во Европски куп. Стигнале до полуфиналето каде се поразени од тимот на Реал Мадрид. На патот кон полуфиналето ја оствариле и најголемата победа во историјата на клубот (до денес), победувајќи го белгиски Андерлехт со 10-0 на Мејн Роуд.
Голема трагедија го погодува клубот наредната сезона. После натпреварот со Црвена Ѕвезда во Европскиот куп, се урнал авионот при полетувањето од аеродромот во Минхен, каде слетале да наполнат гориво. Така на 6 февруари 1958 година трагично ги губат животите 8 играчи на Јунајтед и тоа: Џеф Бент, Роџер Бирн, Еди Колман, Данкан Едвардс, Марк Џоунс, Дејвид Пег, Томи Тејлор и Лиам „Били“ Уилан. Во трагедијата животот го загубиле уште 15 луѓе меѓу кои и тројца членови на управата Волтер Крикмен, Берт Вејли и Том Кери. Како причина за трагедијата се наведува растопениот снег на крајот на пистата поради кој авионот губел брзина и не можел да полета. После 2 неуспешни обида, авионот конечно полетува но губи контрола и паѓа врз куќи (за среќа ненаселени) кои се наоѓале во близина на аеродромот. И покрај тоа што бил тешко повреден голманот Хери Грег, плашејќи се да не експлодира авионот ги извлекува на сигурно Боби Чарлтон (дебитирал за клубот само 18 месеци порано) и Денис Вајлет. На лице место загинале 7 играчи, а Данкан Едвардс им подлегнал на повредите наредниот ден во болница. Меѓу преживеаните бил и Џони Бери, но поради тешките повреди морал да ја прекине кариерата. Минхенските доктори немале голема надеж за Мет Базби дека ќе преживее, но за среќа тој се опоравил од тешките повреди и бил пуштен од болница после 2 месеци.
Почнале да се шират гласини дека клубот ќе се повлече од сите натпреварувања, но тоа не се случило и клубот продолжил да се натпреварува под раководство на помошник тренерот Џими Марфи. И покрај несреќата, таа сезона играле во финалето на ФА Купот каде биле поразени од Болтон. Наредната сезона УЕФА понудила на Англискиот сојуз во Европскиот куп да се натпреваруваат и шампионот Вулверхемптон и Јунајтед во чест на загинатите, но тоа било одбиено од страна на англичаните. Таа сезона Јунајтед го освојува второто место во домашното првенство што е одличен резултат за тим кој загубил 9 играчи.
Во почетокот на 60-сетите, Базби почнал да гради нов тим. Во клубот довел играчи како Денис Ло и Пет Креранд, притоа грижејќи се и за младите играчи. Тогаш во сениорскиот тим дошол еден од најдобрите играчи на клубот во целата негова историја, детето од Белфаст, Џорџ Бест. Брзоногиот играч можел да пробие низ секоја одбрана без разлика колку добра била таа. Клубот го освојува ФА Купот во 1963 година, но во првенството завршува на 19 место. Освојувањето на купот бил голема мотивација и клубот наредните две сезони завршува на второ место, а во сезоните 1965 и 1967 стануваат прваци. Најголемиот успех на клубот доаѓа 1968 година кога станува првиот англиски клуб кој го освојува Европскиот куп (денешна Лига на шампиони). Во финалето е поразена португалска Бенфика со 4-1, предводена од Еузебио. Прогласени се и 3 играчи од клубот за најдобар европски играч Боби Чарлтон, Денис Ло и Џорџ Бест.
Мет Базби го напушта клубот во 1969 година и него го наследува тогашниот тренер на резервната екипа Вилф Мекгинис.
Периодот од 1969 до 1986
Екипата предводена од Мекгинис го зазела разочарувачкото осмо место во сезоната 1969-70, па после слабиот старт и нередната сезона Мекгинис е сменет и вратен да го тренира резервниот состав, а за тренер повторно се враќа Базби. И покрај тоа што по неговото враќање екипата бележи позитивни резултати, само после 6 месеци, Базби го напушта клубот засекогаш. Во меѓувреме клубот загубил и неколку важни играчи меѓу кои и Ноби Стајлс и Пет Серанд.
Менаџерската функција му е понудена на Џок Стајн, кој со Селтик го освоил Европскиот куп. Но, и покрај усниот договор тој во последен момент се откажал и за менеџер е назначен Френк Оферел. Тој се задржал на тоа место многу кратко - само 18 месеци, но успеал да доведе неколку млади талентирани фудбалери, меѓу кои Мартин Бјухен кој бил купен од Абердин за 125.000 фунти.
Томи Дохерти станува менаџер кон крајот на 1972 година. „Докторот“ успеал да го спаси клубот од испаѓање, но тоа не му пошло од рака во сезоната 1974, откако клубот го напуштиле „златната тројка“: Бест, Ло и Чарлтон. Denis Law во 1973 година преминува во градскиот ривал Манчестер Сити и постигнал гол против, со што клубот испаднал во втората лига.
Во клубот се донесени Лу Макари, Стјуарт Хјустон и Брајан Гринхоф со цел да ги заменат на Бест, Ло и Чарлтон, но никој не бил толку добар како нив.
Уште во првиот обид клубот изборил враќање во елитата со помошта на младиот Стив Копел кој дошол од Транмере Роуверс. Истата сезона успеале да се пласираат во финалето на ФА Купот кеде се поразени од екипата на Саутхемптон. До финалето успеале да дојдат и во 1977 година и овој пат го освоиле, победувајќи го Ливерпул со 2-1. И покрај добрите резултати и големата популарност меѓу навивачите Дохерти е отпуштен, поради аферата која ја имал со жената на физиотерапевтот.
Негов наследник бил Дејв Секстон во 1977 година. Под негово раководство клубот играл дефанзивен фудбал што воопшто не им се допаѓало на навивачите, кои биле навикнати да гледаат напаѓачки фудбал, како што преферирале Дохерти и Базби. Најголеми засилувања биле Џо Џордан, Гордон Мекквин, Гери Бејли и Реј Вилкинс, но дефанзивниот стил на Секстон не донел резултати, при што само еднаш во 4 години завршиле на второ место и еднаш играле во финалето на ФА Купот каде биле поразени од Арсенал. Поради неуспесите Секстон е отпуштен во 1981 година, иако Јунајтед ги добил последните 7 натпревари под негово водство.
Негов заменик бил Рон Аткинсон, кој веднаш по доаѓањето го соборил тогашниот рекорд за трансфер доведувајќи го Брајан Робсон од Вест Бромвич. Сите предвидувале блескава кариера на Робсон, дури дека ќе биде најдобриот играч во средината во историјата на клубот, подобар дури и од Данкан Едвардс. Во клубот се донесени и играчи како Џеспер Олсен, Пол Мекграт и Гордон Страхан, како и Норман Вајтсајд и Марк Хјуџис од јуниорската екипа. Со овој состав клубот го освоил ФА купот два пати за три години, во сезоните 1983 и 1985. Во сезоната 1985-86 важат за најголеми фаворити за освојување на шампионската круна и ја започнуваат сезоната со 10 последователни победи. Веќе во октомври имаат 10 бодови повеќе од најблискиот конкурент. Во продолжение на сезоната формата на екипата драстично опаѓа и сезоната ја завршуваат на 4-то место. Лошата форма продолжила и на почетокот на следната сезона, клубот се наоѓал во зоната на испаѓање и во ноември 1986 година Рон Аткинсон добил отказ.
Ерата на Сер Алекс Фергусон, пред тројната круна (1986-1998)
Алекс Фергусон пристигнал во клубот од Абердин како наследник на Рон Аткинсон и од зоната на испаѓање успева да го донесе клубот до 11 место на табелата. Наредната сезона 1987-88 година клубот ја завршува на второто место, а Брајан Мекклер станува првиот, после Бест, играч на Јунајтед кој постигнал повеќе од 20 голови во една сезона.
Меѓутоа, наредните две сезони клубот не играл според очекувањата како и неколкуте засилувања кои ги привлекол Алекс Фергусон. Тој во 1990 година бил пред отказ, но победата од 1-0 над Нотингем Форест во 3-то коло од ФА Купот со голот на Марк Робинс му ја спасува кариерата. Подоцна го освојуваат ФА Купот со победа над Кристал Палас.
Јунајтед го освојува за прв пат Куп на победниците на куповите во 1991 година, победувајки ја шпанска Барселона во финалето. Наредната сезона е разочарувачка бидејки го губат првенството од лутиот ривал Лидс. Истата 1991 година клубот излегува на Лондонската берза, акциите достигнуваат вкупна вредност од 47 милиони фунти.
Доаѓањето на Ерик Кантона во ноември 1992 година се покажа како многу значаен момент за клубот. Тој заедно со играчите како Гери Палистер, Денис Ирвајн и Пол Инс како и младиот талент Рајан Гигс се најзаслужни за освојувањето на лигата во 1993 година. За прв пат после 1967 година Манчестер Јунајтед е шампион. Следната сезона за прв пат во својата историја ја освојуваат двојната круна (лигата и ФА купот). Успеваат да ја одбранат титулата следната година со помошта на харизматичниот Рој Кини, кој пристигна во клубот од Нотингем Форест и набрзо стана капитен на екипата. Истата 1994 година е тажна година за Јунајтед, бидејки е пропратена со смртта на легендарниот менаџер и директор на клубот Сер Мат Базби кој почина на 20 јануари 1994 година.
Во сезоната 1994-95, Ерик Кантона добива осум месеци суспензија поради напад на навивач на Кристал Палас, кој го навредил на расна основа. Наредната сезона клубот завршува на втората позиција во лигата и е поразен во финалето на ФА купот од Евертон. Тогаш Фергусон ги разлутил навивачите со продажбата на неколку клучни фудбалери и доведувањето на млади играчи од јуниорската екипа, меѓу кои Дејвид Бекам, Гери Невил, Фил Невил и Пол Схолс. Младите играчи за изненадување играа многу добро и како резултат на добрата игра таа сезона повторно ја освоиле двојната круна во 1996 година. Тоа е прв пат во историјата некој англиски клуб два пати да ја освои двојната круна. Тој потфат е познат како „двојно двојно“.
Сезоната 1996-97 победуваат во лигата и Ерик Кантона го објавува своето повлекување од фубалот на 30 години. Наредната 97-98 ја запознуваат добро но на крајот завршуваат втори зад лутиот ривал Арсенал.
Тројна круна (1998-1999)
Сезоната 1998-99 е најуспешна во историјата на Манчестер Јунајтед. Тогаш станал првиот европски клуб кој ја освоил тројната круна (Премиер лигата, ФА Купот и Лига на шампиони) во една иста сезона. Лигата ја освоиле со победата во последното коло над Тотенхем Хотспар со 2-1. Тоа бил првиот чекор кон тројната круна кој Алекс Фергусон го објаснува како најтежок.
Во финалето на ФА Купот е совладан Њукасл Јунајтед со 2-0 со головите на Теди Шерингам и Пол Сколс.
Во последниот натпревар за сезоната, во финалето на Лигата на шампионите е поразен минхенски Баерн. И покрај тоа што до 90. минута од натпреварот резултатот бил 1-0 во корист на германците, со два гола во продолжението - еден на Теди Шерингам и еден на Оле Гунар Солскјер, Јунајтед стана првак на Европа. Ова финале се смета како еден од најголемите “камбекови“ во историјата на Лигата на шампиони. Тогаш Алекс Фергусон ја добива титулата Сер, за исклучителни заслуги во фудбалот.
Неверојатната сезона клубот ја завршува со победа од 1-0 во финалето на Интерконтиненталниот куп, над бразилскиот Палмеирас во Токио.
Период после тројната круна (1999-денес)
Јунајтед ја освои Премиер лигата 2000 и 2001, но новинарите овие две сезони ги прогласија како разочарувачки поради неуспехот во Лигата на шампиони. Во 2000 година, клубот стана еден од основачите на G-14, група на водечките европски клубови. Фергусон почна да применува дефанзивна тактика, но тоа не донесе успеси ниту во Европа ниту во Премиер лигата, каде во сезоната 2002 завршија на 3-то место. Во сезоната 2002-03 повторно ја освоија лигата, но наредната сезона не ја одбранија. Сезоната почна добро но формата на тимот драстично опадна по осуммесечната суспензијата на Рио Фердинанд поради непојавување на допинг тест. Сепак 2004 година го освоија ФА Купот, победувајќи го во финалето на Милвол.
Сезоната 2004-05 е окарактеризирана како сезона во која тимот не постигнува голови. Главна причина за тоа е повредата на главниот напаѓач Руд Ван Нистелрој. Таа сезона Јунајтед ја заврши без трофеј и на 3-то место во лигата. Не успееја да ја освојат ниту “утешната“ награда, ФА Купот, губејќи на пенали во финалето од Арсенал. Надвор од теренот главна тема беше можноста клубот да биде купен од страна на американскиот магнат Малколм Глејзер.
Јунајтед лошо ја почна и сезоната 2005-06. Капитенот Рој Кин го напушти клубот и премина во Селтик, откако јавно ги критикуваше на некои свои соиграчи поради слабата игра. Таа сезона клубот прв пат не успеја да ја мине фазата по групи во Шампионската лига, откако беа поразени од португалска Бенфика. Сезоната беше пропратена и со многу повредени играчи, како Габриел Хајце, Алан Смит, Рајан Гигс и Пол Сколс. Сепак таа сезона Јунајтед го освои Лига купот, победувајќи го во финалето на новиот Премиер лигаш Виган Атлетик со 4-0. Сезоната ја завршија на второто место, кое им овозможи директен пласман во Лигата на шампиони. Таа сезона клубот го напушти еден од најдобрите напаѓачи Руд ван Нистелрој и замина во Реал Мадрид поради несогласувања со Алекс Фергусон.
Гигс и Невил презентација на трофејот на Премир лигата 2006-07.
Сезоната 2006-07 United се врати на својата препознатлива напаѓачка игра и тактика. Така постигнаа 20 гола повеќе на 32 натпревари од второ пласираниот Челзи. Во јануари 2007 клубот потпиша двомесечен договор, на позајмица, со шведскиот напаѓач Хенрик Ларсон. Со негова помош клубот стигна до полуфиналето на Лигата на шампиони, каде беше поразен од Милан (5-3 вкупен резултат)
После четири години, на 6 мај 2007, Манчестер Јунајтед повторно ја освои Премир лигата, откако Арсенал и Челзи играа нерешено 1-1, а Манчестер Јунајтед победи ден пред тоа во градското дерби против Manchester City. Toa e 9-та титула во 15 годишната историја на Премиер лигата. Клубот играше и во финалето на ФА Купот но беше поразен од Челзи со 1-0 во дополнителното време. Ова финале се играше на новиот Вембли, прв пат откако стариот стадион беше срушен седум години порано.
Сезоната 2007-08 Манчестер Јунајтед успеа да ја одбрани титулата, победувајќи го Виган Атлетик со 0-2 во последното коло, а нивниот најблизок конкурент Челзи одигра нерешено 1-1 против Болтон. Така Јунајтед со два бода предност ја освои 17-та титула во својата историја.
Лига на шампиони сезона 2007-08
Лига на шампиони 2007-08
На 21. мај 2008. Манчестер Јунајтед победи во првото англиско финале во Лигата на шампиони, победувајќи го лондонски Челзи. Во регуларниот тек на натпреварот резултатот беше 1-1. Голот за Јунајтед го постигна Кристиано Роналдо во 27 минута, по прекрасниот центар шут на Вес Браун. Кон крајот на првото полувреме резултатот го изедначи Фрeнк Лампард по една полуконтра и конфузија во одбраната на Манчестер Јунајтед. Во продолжението црвен картон доби напагачот на Челзи, Дидиер Дрогба. Победникот се доби после изведувањето на пенали. Манчестер Јунајтед победи со 6-5. За Јунајтед промаши Кристиано Роналдо, а за Челзи Џон Тери (капитен) и Николас Анелка. Ова е трета титула за Манчестер Јунајтед во Лигата на шампиони.
Кристиано Роналдо беше прогласен за најдобар напаѓач на шампионатот, а воедно и за најдобар играч.Останатите награди ги добија Петр Чех, Џон Тери и Френк Лампард