My Bloglist

среда, 15 септември 2010 г.

Манчестер Јунајтед со нерешен резултат и тешка повреда
го започна настапот во ЛШ

И покрај сите очекувања навивачите на Манчестер Јунајтед сигурно ќе сакаат што побрзо да го заборават вчерашниот ден и стартот во Лигата на Шампионите. Во натпреварот против Глазгов Ренџерс од првото коло во групата С се случи нешто многу полошо од самиот краен резултат кој гласеше по овој завршувањето на овој натпревар (0-0). Имено во еден сосема обичен и нималку груб дуел со противнички играч крилото на Манчестер Јунајтед, Еквадорецот Антонио Валенсија доживеа тешка повреда со фрактура на левата нога и изместување на зглобот. Според ретките повторени снимки кои имавме можност да ги видиме најверојатно станува збор за лош контакт со теренот и неприродна позиција на целата нога поради што и настанала повредата. Сите со неверување гледаа што се случува во следните минути кога лекарската екипа со носила и боца со кислород го изнесе Валенсија надвор од теренот.


Моментот кога играчот на Ренџерс, Нејсмит ги повикува лекарите на Манчестер Јунајтед што побрзо да интервенираат.

Денес или утре Валенсија требаше да оди на операција по што ќе се знае до кога нема да биде на располагање на Фергусон, а според тежината на повредата се стравува дека тоа може да биде за подолго време, можеби и за цела сезона.
      Сега да се вратиме на натпреварот. Ова беше единствен натпревар кој се одигра вчера во ЛШ што заврши без голови. Гостите од Шкотска дојдоа да освојат барем бод и успеаја во тоа иако рака на срце тоа го направија со исклучително дефанзивна игра, која на моменти личеше на формација 6-4-0 со никаква намера да се тргне во напад. Сепак и составот кој го извади Фергусон се чини донекаде имаше влијание на резултатот. Ги немаше Евра, Нани, Бербатов, Видиќ, Сколс, Ван Дер Сар, а на нивно место Парк, Фабио, Гибсон, Браун, Хернандез, но затоа се врати Фердинанд кој во комбинација со младиот Смалинг  во одбраната немаа многу работа. Андерсон исто така се врати на клупата, но не доби шанса за настап. Нападот со Руни и Хернандез не успеа барем еднаш да ја затресе мрежата на Шкотите. Руни често го затвораа по 3-4 противнички играчи, а Хернандез се изгуби во густата одбрана на гостите. Средината со Флечер и Гибсон се чини немаше доволно креативност да даде употреблива топка до напаѓачите и повеќе се решаваа на шутеви од далечина, од кои неколку беа навистина сериозни, но не доволно да го загрозат голот на Ренџерс.




Руни и натаму не може да ја пронајде ланската форма и сеуште останува само на оној гол од пенал против Вест Хем во Премиер Лигата. Можеби вистински предизвик ќе биде следниот натпревар веќе во недела од 14:30 против Ливерпул во големото дерби каде Манчестер ќе биде на голем испит, прво да ја преброди тешката повреда на Валенсија и секако да се победи големиот ривал.

Во другите средби:

Твенте-Интер 2-2
Вердер-Тотенхем 2-2
Лион-Шалке 1-0
Бенфика-Хапоел Т.А. 2-0
Бурсаспор-Валенсија 0-4
Копенхаген-Рубин Казан 1-0
Барселона-Панатинаикос 5-1

Натпреварите од групите Е-Х се играат вечерва.