Менаџерот на англискиот гигант Манчестер Јунајтед Сер Алекс Фергусон сака голманот на Ливерпул Пепе Реина да го замени Едвин ван дер Сар на голот на тимот.
Шкотскиот фудбалски стратег има за цел да го ангажира шпанскиот голман на Ливерпул на Олд Трафорд и може да се очекува „црвените ѓаволи“ да испратат понуда за купување на услугите на шпанецот во текот на јануарскиот преоден рок.
Реина од своја страна е многу загрижен за иднината на Ливерпул поради слабите настапи на тимот сезонава, и покрај фактот што клубот од Енфилд доби нови сопственици.
Пред неколку дена се појавија шпекулации дека тој е еден од тројцата фудбалери кои сакаат да го напуштат Ливерпул во текот на зимскиот преоден рок, заедно со Глен Џонсон и Фернандо Торес.
Од друга страна, Рој Хоџсон и неговите шефови имаат за цел сите игрчаи да ги задржат на Енфилд по секоја цена, па меѓу нив се наоѓа и Реина.
Сепак, Фергусон најверојатно нема да се откаже од својата намера да го ангажира шпанецот и се зборува дека шефот на Јунајтед е подготвен да издвои 12 милиони фунти за Пепе.
За поранешниот голман на Виљареал досега интерес има пројавено и лондонски Арсенал, кој исто така е во потрага по голман од врвна класа.