Сер Алекс Фергусон вели дека може да мами со идентичните бразилски близнаци Рафаел и Фабио да Силва.
20-годишниот бразилски десен бек на Манчестер Јунајтед, Рафаел да Силва на дуелот со Тотенхем остро стартуваше врз Асу Екото по што заработи втор жолт картон, тоа значи суспензија од еден натпревар, а поради навредите кон судијата Мајк Дин дополнително беше казнет со 8 000 фунти.
Во англиските медиуми се појавија духовити конструкции како менаџерот на Јунајтед, Сер Алекс Фергусон може без проблеми да го игра Рафаел на дуелот со Бирмингем, единствено што треба да направи е да го внесе името Фабио во записникот, неговиот брат близнак.
"Би можел тоа да го сторам без проблеми. Нема шанси никој да открие. Веројатно браќата имаат и иста ДНК структура. Кој знае, можеби Рафаел не беше ни исклучен минатиот викенд. Помисливте ли на тоа?" - одговори Ферги на интересните прашања.
"Кога игравме кај Барнсли, двајцата играчи беа на теренот и судијата му покажа жолт картон на Фабио иако требаше тоа да биде Рафаел. Тогаш сфатив за можноста која ја имам".
"Еден ден би можел да заиграм со едниот во прво полувреме, а со другиот во второ полувреме без да потрошам измена".
Рафаел и Фабио да Силва се идентични, играат на иста позиција и ретко кој би можел да ги разликува.