My Bloglist

вторник, 19 октомври 2010

Фергусон изјави: Руни сака да си оди

Ѕвездата на Јунајтед им открил на своите соиграчи дека сериозно размислува да го напушти клубот.

Менаџерот на Мначестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон во разговор со MUTV откри дека Вејн Руни уште во август им соопштил дека нема намера да го продолжи договорот и побарал да замине.

На прашањето дали шпекулациите кои говореа дека Руни не сака да го обнови договорот со Манчестер Јунајтед се вистинити, Сер Алекс рече: “Тоа е точно. На стартот од летото, Дејвид (Гил, извршниот директор) започна преговори со неговиот агент.”

“Бев во мојата канцеларија на 14ти август кога Дејвид ми кажа дека добил повик од агентот на Руни и му било соопштено дека Вејн нема да стави потпис на новиот договор тој сака да се раздели од клубот.”

“Потоа Дејвид дојде да се види со мене. Ми рече дека не може да верува а исто се чувствував и јас.”

“Бев стаписан, не можев да разберам зошто, бидејќи неколку месеци претходно Руни говореше дека е во најголемиот клуб на светот и дека сака да остане до крајот на животот. Едноставно не знаеме што се промени во мислењето на момчето. Дејвид беше шокиран, јас бев шокиран.”

“Имав средба со Руни и тој го повтори она што агентот ни го кажа. Тој сакаше да си замине.”

“Јас само му кажав, ’Запомни само една работа, почитувај го клубот. Не сакам никакви глупости од тебе, почитувај го клубот’. Она што сега го гледаме во медиумите е вознемирувачко бидејќи се што можевме направивме за Вејн Руни, од првата минута кога тој дојде во клубот.”

“Ние секогаш сме биле тука за да го заштитуваме. Секогаш кога тој бил во неволја, сме му давале совети, сум бил подготвен да му давам и финансиски совети, многу пати.”

“Но тоа го правите за вашите фудбалери, не само за Вејн Руни. Таков е Манчестер Јунајтед.”

“Ова е клуб што ја базира цела своја историја и традиција на лојалноста и довербата помеѓу менаџерот, играчите и клубот. Тоа е така од деновите на Сер Мет.”

“На тоа е основан клубот. Вејн имаше корист од оваа помош, исто како што имаа Рајан Гигс, Пол Сколс и сите останати играчи.”

Ферги потоа продолжи: “Во моментов на масата нема некоја специфична понуда за Руни бидејќи тие не се подготвени да слушаат понуди. Но секогаш има понуда за Манчестер Јунајтед да преговара со играчот.“

“Дали сум разочаран? Да, јас сум разочаран, многу разочаран, не можам да верувам. Кога сте менаџер на Манчестер Јунајтед, ова се работи со кои морате да се справувате. Потребно е да се справиме со вакви работи од време на време.”

“Кога треба да се справувате со фудбалер од модерното време секогаш има многу разочарување.”

“Порака до фановите? Пораката е дека тие треба да продолжат да му веруваат на Манчестер Јунајтед. Доколку погледнете во историјата на клубот во претходните 50 години, во бројот на трофеите што ги имаме освоено, почестите што ги имаме добиено, почитта што ја уживаме ширум светот, восхитот што го добиваме од сите.”

“Понекогаш имаме проблеми, се подлизнуваме. На пример минатата сезона, имавме можност да освоиме четврта титула во низа, нешто што никој не го направил претходно во Премиер Лигата. Загубивме само за еден бод.”

“Дали вратата е отворена доколку Вејн се предомисли? Секако. Дејвид е спремен да ги подготви најдобрите услови за секој фудбалер во државава.”

“Ние знаеме дека Руни е квалитетен фудбалер па преговорите ги започнавме уште на почетокот од летото, две години пред да истече договорот.”

“Тој рече дека сака да остане до крајот на животот. Ние бевме почестени од таквото барање, Вејн да остане во клубот, клубот кој го сака.”

“Тој рече дека најдоброто нешто што го направил е тоа што потпишал за Манчестер Јунајтед.”

“Па Дејвид, во консултации со сопствениците, беше подготвен да му го понуди на Руни најдобриот договор во државата.”