Наградата на Бекам му ја врачија неговиот поранешен соиграч Рајан Гигс, и легендарниот Боби Чарлтон, за кого се зборува дека токму тој го открил Бекам кога имал само 10 години.
„Бекам во кариерата заслужи се што освои. Тој е прекрасна личност и човек за пример за секого. Се сеќавам дека му реков на тренерите во Манчестер кога дојде Бекам дека тој ќе биде нешто посебно. Така и беше“, рече Чарлтон кој истата награда за животно дело ја доби пред 2 години.
„Почестен сум што примам награда од подрачје кое толку го сакам. Поготово кога наградата ја примам од рацете на Сер Боби, тоа е посебна чест. Имав среќа во кариерата да ме водат толку големи тренери како Ерик Харисон и Ноби Стилс. Но за мене најдобар фудбалски тренер бил и сеуште е Алекс Фергусон“, рече меѓу останатото Бекам, кој токму поради несогласувањата со Фергусон во 2003 го напушти Манчестер и замина во Реал. Позната е и приказната дека Алекс во еден од своите налети на бес во соблекувалната на Јунајтед го удри Бекам со копачката во глава.
Покрај благодарение на своето семејство, сопругата Викторија и децата, Бекам додаде:
„Ја имав таа среќа во кариерата за играм за големи клубови, Манчестер Јунајтед, Реал, Милан и ЛА Галакси, но најважен дел во кариерата беше играњето за англиската репрезентација.“
За националниот тим Бекам дебитираше уште во 1996 година и од тогаш има 115 рекордни настапи, најмногу во историјата на Гордиот Албион.